Višeglasje (Miceva, Suzana, Strumica, Makedonija)

ИСТОРИЈА НА ТРАГИТЕ

Си припаѓаме...
И кога за рака не се држиме,
мојата останува свиткана по твојот калап.
Во кожата е втиснат кодот твој
и мирисот што лебди и те придружува
како невидлива тетоважа
е изгравиран во секоја линија и кривина од шаката,
каде се крие и вгнездува плетиво од соништа.
Си припаѓаме,
оти емоциите ми се полегнати во превоите на
                                                                         дланката.
Силен стисок за запри се,
благ притисок, тука сум,
и една празнина, по оди си.
Се’ запишано е, внатре во најситните ќелии,
зашто телото има меморија
и кога паметот се труди да заборави.
Си припаѓаме,
а прстите ме издаваат и трпнат
секогаш кога ќе сетат жед
за потта што низ нив се слеваше
во ноќите на страст.
Ткивото твое ми гние под ноктите
и тлеам под споменот пресен и кревок –
колку е мое, тоа што е туѓо.
Си припаѓаме иако едно не сме,
гладни за љубов се ситиме од туѓинци
штом очите ни во далечината
дупки оставаат крадешкум гледајќи,
молчешкум грабајќи
додека нашите души создаваат

нови заедништва во посебни светови.

Iz knjige VIŠEGLASJE: Zbornik odabranih pesama 7. Evropskog Fejsbuk pesničkog festivala

Više o knjizi: